Вучиќ во сабота сепак патува на Косово и покрај тензиите

Српскиот претседател Александар Вучиќ ијави во петокот вечерта дека и покрај сите притисоци и непријатни околности на коишто се изложени претставниците на српската заедница, во сабота ќе ја посети поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија, откако претходно во текот на денот во Брисел одби да разговара со косовскиот претседател Хашим Тачи.

„Одам на Косово и Метохија заедно со некој од министрите, очекувам разумни пораки и од другата страна, а ќе се погрижам сé што ќе говорам да има за цел постигнување мир и стабилност“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ на вонредната прес-конференција во Белград

Вучиќ претходно во петокот поради заканите, притисоците и неисполенти договори, во Брисел одби да се сретне со косовскиот челник Хашим Тачи, и по разговорите со шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини веднаш се врати во Белград.

Вучиќ, набројувајќи низа притисоци на коишто биле изложени претставниците на Српската листа во Собранието на Косово да гласаат за преговарачкиот тим на косовските Албанци предводен од Фатмир Лимај кого официјален Белград го товари за воени злостроства сторени во текот на конфликтот 1998/1999 година, изјави дека тоа е само дел од причините поради кои во европската престолнина одби да се сретне со Тачи. Но Вучиќ најави дека дијалогот меѓу Белград и Приштина во секој случај ќе биде продолжен.

„Ние мораме да ги продолжиме преговорите, бидејќи клучната работа е да ги сочуваме ние. Мојата намера од почетокот не е да ги подбуцнувам Србите на судири и да тргувам со нивните судбини и иднина, туку да се бориме за решавање на проблемите со Албанците“, рече Вучиќ.

Посетата на српскиот претседател на Косово во сабота и во недела, како што беше најавен претходно, беше доведена во прашање по информациите дека Приштина има намера да го спречи неговото одење во посета на системот за водоснабдување Газиводе на северот од Косово, кој како стратешки ресурс е една од главните спорни точки во преговорите меѓу Белград и Приштина. Во петокот косовската страна направи нова провокација и издаде забрана за посета на Вучиќ и на Зубин Поток во близина на споменатиот систем населен доминантно со Срби.