
Фракционерите на ВМРО-ДПМНЕ побараа итна оставка на лидерот Мицкоски во периодот пред да се одржи референдумот на 30 септември, наведувајќи дека на партијата ѝ е потребен лидер што ќе застане пред народот, а не кој ќе се крие зад него.
Граѓаните ќе мора да почекаат до 30 септември за да го дознаат мојот став околу референдумот за промена на името, порача лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за „ТВ24“.
Тој одби да одговори на прашањето дали ќе излезе и дали ќе гласа на претстојниот референдум, но смета дека воопшто не е важно дали тој би излегол или не би излегол на гласање. Според него, најважно во моментов e тоа што ВМРО-ДПМНЕ одлучила да не води кампања, бидејќи како што истакна, референдумското прашање било трозначно, манипулативно и со задача да внесе забуна кај граѓаните.
Домашните политички аналитичари не го оправдуваат ваквото однесување на Мицкоски и велат дека неговиот став не е воопшто лидерски и дека не е коректен кон другите политички чинители што повикуваат на преземање одговорност. Членовите на Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека одлуката да не се соопшти цврст и јасен став и да не се поведе народот во овие клучни моменти е одлика на кукавици и на луѓе што имаат други приоритетни интереси. Фракционерите побараа итна оставка на Мицкоски, наведувајќи дека на партијата ѝ е потребен лидер што ќе застане пред народот, а не кој ќе се крие зад него.
Нема друг избор
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека Мицкоски нема друг избор освен да биде неодреден во поглед на претстојниот референдум за името.
Првата вистинска причина е што по толку дриблање, Мицкоски веќе нема можност во сопствената партија да оформи каков било став. Внатрешните поделби, недостатокот на активно лидерство, направија Мицкоски да не може да направи никаков повик. Ако повика на бојкот, тогаш тој повик ќе биде неуспешен, зашто некој секако ќе излезе да гласа, бидејќи партијата му е поделена. Ако повика на гласање, пак тој повик ќе биде неуспешен, бидејќи некој секако ќе бојкотира затоа што партијата му е поделена. Ако повика на поддршка, партијата ќе му се подели на уште повеќе делови. Значи, тој нема друг избор освен да не каже ништо, зашто што и да каже, би погрешил – објаснува Арсовски.
Според него, дополнителна причина за немањето став е тоа што Мицкоски не смее да си дозволи фер пребројување на овој референдум.
Пребројувањето ќе ја открие слабоста на позицијата на ВМРО-ДПМНЕ во целиот сјај. Затоа, тој мора да направи тактика во која без разлика на исходот, ќе може да го спори тој резултат тврдејќи дека народот е со него, ама ете, некако тие неговите најуспешно се кријат. На крајот, Мицкоски е свесен дека проектот за Македонија во ЕУ и НАТО мора да успее, со или без него – смета Арсовски.
Аналитичарот Џелал Незири во изјава за „Радио Слободна Европа“, пак, вели дека ставот на Мицкоски не е лидерски и дека не е коректен кон другите политички чинители што повикуваат на преземање одговорност.
Не мислам дека одлуката на ВМРО-ДПМНЕ претставува повик за бојкот, туку став што им остава простор за дејствување на сите политички фракции внатре во партијата. Да не заборавиме дека внатре во ВМРО-ДПМНЕ постои фракција што се залага да успее референдумот, а има и фракција што е најрадикална и се залага за бојкотирање, така што со ваквиот став се остава простор во опозицијата кој ги обединува сите крајности – вели Незири.
Оставка во септември
Да не се соопшти цврст и јасен став на членството и на јавноста, да не се поведе народот во овие клучни моменти е одлика на кукавици и на луѓе со други приоритетни интереси, наведено е во соопштението на Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму истакнуваат дека на сите чесни и искрени вмровци им е смачено од пресметливи политичари со двојни и тројни аршини, а исто така прашуваат дали е можно најголемата државнотворна партија да нема цврст став по ниту едно прашање.
Долгото чекање, манипулирањето со јавноста и со членството, тајното кокетирање со претставници на меѓународната заедница и обидот да се заштитат криминалците во сопствените редови ја докусурија партијата. На вмровците и на Македонците многу поважна им е државата отколку умислената желба на лидерот Мицкоски за тоа како најбрзо да дојде до удобна премиерска фотелја“, се вели во соопштението.
Фракционерите истакнуваат дека Мицкоски ги оставил членовите сами да одлучуваат поради неговите калкулантски математики, иако, како што велат, ставот е јасен, односно бојкот на референдумот чија основа е Договорот од Преспа.
Да го потсетиме наметнатиот лидер на кажаното: Ако водам – следете ме, ако се двоумам – поттурнете ме, ако ве предадам – убијте ме. Твоето време и шанса помина, ја доведе партијата на срамни позиции и затоа замини си пред да се одржи референдумот. Ние сакавме лидер и раководство што ќе застане пред народот, а не кој ќе се крие зад него, пишува во соопштението.