(ВИДЕО) Германската полиција ги растера еколошките активисти од шумата Хамбах

Германската интервентна полиција ги растера во четвртокот еколошките активисти од куќите на дрвјата и го демонтираше нивниот протестен логор поставен пред пет години за во древната шума да го сопрат проектот за ископување јаглен.

Опремена со шлемови и штитови, интервентната полиција користела хидраулична платформа поставена на камион за да ги принуди активистите да се спуштат од куќите на дрвјата подигнати во шумата Хамбахм западно од градот Келн.

Полицајците носеле на раце некои од демонстрантите кои ја попречуваа компанијата RWE којашто во ова подрачје, шумата купена пред повеќе децении, имаше намери да го прошири ископувањето на јаглен. Досега поголем дел од шумата е испосечена, а активистите се обидуваа да го спасат преостанатиот дел од зеленилото.

Активистите бараа RWE да ја одложи сечата на дрвјата до рокот кон крајот на годинава, кога владината комисија ќе одлучи дали Германија ќе продолжи со кристење на енергијата добиена од јаглен. Германија планира да го зголеми уделот на сончевата и енергијата од ветер во производството на енергија од моменталните околу 30 до 65 отсто до 2030 година, за да се намалат емисиите на јаглерод диоксид и да се задоволат климатските обврски од договорот од Париз.

Полицијата соопшти дека мерките се преземени за да се спречи враќањето на активистите на тоа место. „По операцијата ќе ги надгледуваме луѓето и возилата коишто ќе доаѓаат тука, за да спречиме повторно подигнување на она што тешко го демонтиравме“, изјавил полицскиот портпарол Паул Кемен.