Путин: Приливот на мигранти нема да се намали, потребно е политичко решение

Приливот на мигранти во Европа нема во скоро време да биде намален и решението на овој проблем може да биде само политичко, изјави рускиот претседател Владимир Путин по разговорите со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Бројот на мигранти постојано расте. Ситуацијата се менува само во географски поими и приливот повторно се зголемува, изјави Путин.

Според него, големата социјална помош и другите придобивки во Европа само ги охрабруваат миграциите.

Но за тоа мора да одлучат нашите колеги во Европа, односно мора да оценат што е добро за Европа и нејзиниот развој, вели Путин.

Тој ја спореди ситуацијата во Европа со приливот на мигранти во Русија.

Она што е кај нас поинаку е дека повеќето мигранти доаѓаат од поранешните советски републики, што донекаде ја олеснува работата бидејќи многумина веќе го знаат рускиот јазик, ја познаваат руската култура и се прилагодуваат на начинот на живеење, изјави рускиот претседател.

Во Европа доаѓаат луѓе со сосема различен менталитет. Процесот на прилагодување е многу тежок, а тие проблеми мора да се решат во ЕУ. приливот на мигрантите во Европа нема да биде скоро намален. Прво беа мигранти од Сирија, потоа од Ирак и од други земји од Блискиот исток, а сега и од потсахарска Африка, рече Путин.