
Спикерот на македонското Собрание, Талат Џафери, не бил избран со мнозинство гласови на 27-ми април минатата година, изјави сведок на рочиштето во средата во процесот токму за изборот кој ги предизвика безредијата во законодавниот дом.
На денешното рочиште за споменатите настини за кои се обвинти триесетина лица, меѓу кои пратеници и реномирани уметници, како сведок беше испрашуван и Сашко Коцески, вработен во Собранието задолжен за електронскиот систем.
Како прв сведок, Коцески под заклетва сведочеше за моментот на изгласување на сегашниот претседател на Собранието, Талат Џафери. Тој во моментот како вработен во техничките служби се наоѓал во собраниската режија и со колегите ги следеле камерите во пленарната сала.
За време на гласањето со колегите заклучиле дека Али Ахмети и Бранко Маноиловски од ДУИ не биле во салата во моментот на гласање. Исто така, според изјавата на свддокот Коцески, пратениците на БЕСА претходно излегле од салата.
Ова сведоштво, дадено под заклетва пред судот, го отвора прашањето за легитимноста на изборот и за тоа со колку гласови бил избран Талат Џафери. Односно дека и претседателот на парламентот бил избран со 60 а не со 61 глас, ако се земе предвид дека според ова сведоштво во салата гласале 49 пратеници на СДСМ, осум на ДУИ и тројца пратеници од Алијанса за Албанците.
Треба да се потсети дека токму начинот на изборот на Талат Џафери за прв човек на законодавниот дом, односно кршењето на сите собраниски процедури и прописи, беше една од главните причини на 27-ми април 2017 година да кулминира незадоволството кај илјадниците луѓе коишто претходно повеќе од еден месец протестираа без ниеден инцидент пред Собранието против прифаќањето на ткн Тиранска платформа од страна на сега владејачката СДСМ.