Директорот на најголемата банка во Данска поднесе оставка

Директор на „Данске банк“ Томас Борген поднесе оставка поради сомневањата дека најголемата банка во Данска перела пари во својата подружница во Естонија. Борген пред два месеци рече дека нема да поднесе оставка, но сепак потклекна под притисокот на медиумите.

Случајот ја шокираше Данска, земја каде што митото и корупција се речиси непознати термини, пишува Блумберг.

Досега банката се обвинуваше дека преку естонската подружница испрала околу 9,1 милијарда долари во периодот од 2007 до 2015 година, а спорните трансакции главно доаѓале од компании поврзани со Русија и поранешните земји на Советскиот Сојуз. Интересно е тоа што банката уште во 2007 година била предупредена дека нешто чудно се случува во Естонија. Внатрешната истрага не успеала да докаже колку пари вкупно се испрани, но за многу се чинеше неверојатно дека преку оваа мала подружница поминале вкупно 234 милијарди долари, што е девет пати повеќе од БДП на Естонија. Од 15.000 сметки во таа банка, 6.200 од нив се класифицирани како високо ризични. Официјалната истрага ја продолжува Данска, Естонија, а се вклучија и инситуции од САД.
Директорот Борген ќе остане на чело на банката додека не биде пронајдена неговата замена.

„Данске банк“ не реагираше како што треба во случајот на можното перење пари во Естонија. Многу ми е жал за тоа. Иако истрагата спроведена од страна на надворешна адвокатска фирма заклучува дека ги исполнив своите законски обврски, верувам дека за сите страни најдобро е да поднесам оставка, изјави Борген.

А пред два месеци тој зборуваше вака:

Јас сум виновен и морам да останам на чело на банката додека други и го вртат грбот, а за подоцна ќе видиме. Ако треба да поднесам оставка, ќе ја поднесам, но некој треба да се погрижи за компанијата која тоне, рече тогаш Борген, кој ја предводи „Данске банк“ пет години, а во времето на наводното перење пари бил шеф на меѓународните операции.

По објавувањето на истрагата која не даде резултати и оставката на Борген, вредноста на акциите на најголемата данска банка се намалија за уште шест отсто. Од почетокот на годината, пак, паднала за дури 32 отсто, со што банката изгубила 14 милијарди долари во пазарната вредност.

Од „Данске банк“ најавија дека ќе го „донираат бруто приходот на клиентите во периодот 2007-2015, проценет на 201 милиони евра, на независна фондација која ќе биде формирана со цел да ги поддржи иницијативите за борба против меѓународниот финансиски криминал , вклучувајќи и перење пари, исто така во Данска и Естонија.
Овој скандал може да има негативно влијание врз кредитниот рејтинг на Данска.