Скопјанец бил ранет кога во автомобилот во кој се возел пукале неколку лица, информираше МВР. Инцидентот се случил половина час по полноќ на улицата Алија Авдовиќ во населбата Синѓелиќ.
Тогаш непознати лица пукале кон автомобил „мерцедес“ што го управувал Ј.Б.(22) од Љуботен. Во нападот момчето било погодено во градите, по што очевидци со друго возило го пренеле во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“. Поради сериозноста на повредата, Ј.Б. со прострелна рана бил префрлен во комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Од полицијата велат дека преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Како што објавија дел од медиумите, очевидци велат дека во Ј.Б. пукале лица кои биле во друг автомобил и кои имале „калашникови“, како и дека станува збор за одмазда.