Уапсен осомничен за пукањето во Синѓелиќ

Полицијата уапсила осомничен за пукањето во Синѓелиќ во која беше изрешетан жител на село Љуботен, информираше Основното јавно обвинителство Скопје.

Обвинителството донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело  убиство од чл.123 во врска со чл.19 од Кривичниот законик. Настанот за кој се гони лицето се случил на 24.09.2018 година пет минути по полноќ на крстосницата меѓу улицата Дурмиторска и улицата Алија Авдовиќ во Скопје. Тогаш осомничениот со автоматска пушка испукал повеќе пати кон оштетениот Ј.Б., кој во тој момент управувал со автомобил „мерцедес“ при што му нанел тешки телесни повреди. Повредениот најпрвин бил однесен на Универзитетската клиника за хируршки болести „Наум Охридски”, а подоцна, поради сериозноста на повредите, со возило на итна медицинска помош е префрлен на КАРИЛ при Клиничкиот центар „Мајка Тереза” во Скопје, велат од ОЈО.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка притвор.