ЕУ Скринингот за Македонија е започнат уште во 2005

Процесот на скрининг во Република Македонија, односно деталното анализирање на состојбите во 33-те области што се дел од конкретните преговарачки поглавја со Европската Комисија, всушност е започнат уште во 2005 година, тврди проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска.

Секоја година Комисијата од ЕУ ни доставува Прогрес извештај каде точно се лоцираат сите слабости и напредок доколку е постигнат за секоја област. Оттука, да се каже дека РМ сега почнува скрининг како што тврдеше Бујар Османи е во најмала рака безобразно и манипулативно тврдење кое има единствена цел да се претстави некоја поголема европска перспектива од таа што е реалност, вели таа.

Според неа, средбите на неколку министри со 40-члената делегација во Брисел се на ниво на информативни разговори за конкретното поглавје, посветено на фундаменталните права, правдата.

Обични информативни разговори на кои министрите реферираат за постигнатото да се издигнуваат на ниво на нешто спектакуларно е манипулација и шпекулација од највисок вид, смета таа.

Она што владата треба да им го објасни на граѓаните е како мисли да ги започне преговори кога за тоа е потребно сите земји-членки да дадат согласност? На што се е подготвена владата за да ја оствари оваа цел? Со Грција гледаме како ја тера работата, со Бугарија исто така се распродава, прашањето е што ќе остане по оваа пазарска лицитација од нас и од државата? прашува Каракамишева.

Претходно владата објави дека во Брисел пред два дена започна историскиот скрининг-процес за пристапување во Европската унија. Скринингот почна со Поглавјето 23 Правосудство и фундаментални права.

Според официјалните информации, Скринингот трае околу една година и се спроведува врз основа на изготвен распоред од страна на Комисијата (Генерален директорат за проширување, во консултација со надлежните директорати). Се спроведува по поглавја, освен за поглавјата: 34 „Институции” и 35 „Други прашања”, кои се предмет на преговори во последната фаза од процесот на пристапување. Најпрво се одржуваат состаноци за објаснување на кои претставници на Комисијата детално го презентираат правото на ЕУ, а потоа билатерални состаноци со секоја држава. Потоа, Комисијата подготвува извештај за скринингот и го презентира на Советот. По извршениот скрининг на соодветното поглавје, Советот одлучува за започнување на преговорите, по препорака на Комисијата.

Скринингот е формална и техничка операција што ја врши Европската комисија, со цел да се подготват преговорите за членство и претставува аналитичка презентација на состојбата во земјата кандидат во однос на поглавјата од правото на ЕУ. Како процес, тој има за цел, од една страна – да ги запознае земјите кандидати со правото на ЕУ и на тој начин да ги подготви за преговорите. Од друга страна, целта е да се овозможи Комисијата и земјите-членки да го оценат степенот на подготвеност на земјите кандидати, да бидат информирани за нивните идни планови и да добијат прелиминарни насоки за прашањата што ќе бидат најактуелни во преговорите.

Извештајот од скринингот содржи четири дела, објаснување на правото на ЕУ во поглавјето, резултати од скринингот – информации дадени од земјата кандидатка и проценка на Комисијата, заклучоци и препораки на Комисијата, и во последниот дел Комисијата му препорачува на Советот дали да се отворат преговори за поглавјето, и доколку не – кои одредници да се постават.

Во Европската комисија во Брисел во моментов се наоѓа 40-члена делегација составена од експерти од надлежните државни институции кои имаат надлежности во дадената област, предводена од главниот политички преговарач вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Во нејзиниот состав уште се и министерката за правда Рената Дескоска, главниот технички преговарач Бојан Маричиќ и експерти од Секретаријатот за европски прашања.

Според Османи административната структура, успешно ги имплементираше обврските кои произлегуваат од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, а се потготвува и за процесот на преговори.

Османи ги претстави трите траектории по кои Владата, но и целата држава ќе се движат во рамките на евроинтегративните процеси.

Државата паралелно ќе се посвети на имплементација на договорите за добрососедство со Бугарија и Грција, ќе го задржи реформскиот моментум за исполнување на забелешките и насоките на заклучоците од јунските совети, како и цврсти и бескомромисно ќе влезе во исполнување на обврските од објаснувачкиот скрининг, подготвувајќи се со тоа, на сите три полиња паралелно, за почеток на преговорите во јуни следната година, истакна Османи, посочувајќи на историскиот момент за одлука – „шанса која оваа генерација не смее да ја пропушти“.