Централното Претседателство на ДУИ по денешната седница ги разгледуваше актуелните состојби настанати по одржувањето на консултативниот референдум за влез на Македонија во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот од Преспа и донесе став дека не се потребни предвремени избори.
На референдумот излегоа преку 650 илјади граѓани, од кои над 90%, или 610 илјади граѓани се изјаснија позитивно, со што јасно се отсликува волјата на граѓаните за влез на земјата во ЕУ и НАТО и за прифаќање на договорот од Преспа. ДУИ смета дека потпишаниот и ратификуваниот Договор претставува меѓународна обврска на државата, и во таа насока ги поздравува пораките испратени од меѓународните пријатели, пред сè од САД, Европската Унија, земјите – членки на Унијата инт., во кои јасно и недвосмислено се повикува Парламентот на Република Македонија да ја преземе обврската за спроведување и имплементирање на Договорот од Преспа, велат од партијата.
Имајќи ги предвид овие заклучоци, Централното Претседателство на ДУИ одлучи дека во моментов приоритет за државата е изнаоѓање решение со кое ќе се имплементира Договорот од Преспа во Парламентот, упатувајќи повик до останатите политички партии да работат на создавање услови за имплементација на Договорот.
ДУИ смета дека во моментов не е време за предвремени парламентарни избори, со кои ќе се наруши динамиката на имплементацијата на Договорот од Преспа, што може да доведе до сериозна блокада на интегративните процеси на Република Македонија во НАТО и Европската Унија, велат од ДУИ.