Сакаме да изразиме благодарност и почит за сите оние кои на денот на референдумот и покрај притисоците не излегоа да гласаат или гласаа „против“, со тоа Кочани покажа дека е достоинствен и горд град, дека Кочани има капацитети и луѓе со висока патриотска и национална свест. Кочани јасно кажа дека договорот од Преспа, така како што е склучен е во спротивност и со волјата на кочанци, истакна Миле Лефков, Претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кочани.
„Неуспешниот референдум за жал сега на СДСМ им служи само како една прескапа анкета платена со пари од граѓаните, а која им покажа дека во Кочани им исчезнаа околу 3000 гласови, односно поточно 2844 гласови. Она што се случува со гласовите на СДСМ во Кочани е слика и прилика и добар пример за да се види како завршуваат неодржливите политики градени на лаги“, рече претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тука во Кочани, додаде Лефков, граѓаните казнуваат политичари кои си поигруваат со емоциите, чувствата и довербата на граѓаните.
„Падот на рејтингот отсликан во изгубени скоро 3000 гласови на СДСМ во овој краток период е сведок за безидејното и катастрофално владеење манифестирано преку покачувањето на цените на горивата, покачување на животните трошоци, немањето откуп, катастрофално ниските цени на земјоделските производи преку скандалите со вестите за ГМО оризот од Кочани, вести кои беа демантирани кога веќе направија штета како на цената на оризот така и на угледот на нашата најпрепознатлива култура. Со ваквото владеење и со ова темпо на губење на поддршка, дебаклот на овие политики е неминовен и по се изгледа тоа е единствениот излез од безизлезната ситуација во која е втурната како Македонија, така и нашето Кочани“, рече Лефков.
Сево ова, потенцираше тој, не` инспирира да работиме со зголемена енергија и ентузијазам за да си ја зачуваме Македонија.
„Она што е најважно, е дека доаѓа критичното време во кое нема да им дозволиме „играта“ со татковината да ја искористат како изговор за неисполнетите ветувања, непотизмот и криминалот. Време во кое нема да дозволиме раководители и вршители на јавни функции и активисти да вршат притисоци врз луѓето кои не излегле да гласаат, гласале „против“ или одбиле партиска задача на СДСМ – таквото постапување е неприфатливо, истото го следиме и најавуваме дека одговорност ќе има. Заклучокот е очигледен и покрај сите притисоци се чини дека лагите на власта безнадежно еродираат“, додаде Лефков