До Нова година сообраќаен хаос од Карпош до Ѓорче

Реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“  на потегот до кружниот тек кај Порта Влае треба да заврши за две недели, но градежните работи под  мостот „Влајко“ кон мостот „Обединети нации“ планирано е да заврши за два месеци, тврдат од Град Скопје.

Граѓаните се револтирани поради лошата организација за реконструкцијата на улицата бидејќи ова е западен влез-излез од градот, многу често сообраќаат и тешки товарни возила, автобуси.

 За да поминеш пет километри и да стигнеш во Ѓорче чекаш 45 минути, треба да земеш дете од градинка, тие ти ѕвонат да не си го заборавил, од работа не можеш да излезеш порано. Ова навистина е лудо, зарем не можеше да се почен со работа во месеците кога имаше помалку сообраќај и луѓето беа на одмор – вели граѓанин за „Нетпрес“.

Според Град Скопје со цел работите побрзо да се одвиваат и што е можно помалку да им го отежнат движењето на граѓаните додека се врши реконструкцијата, градежните активности се поделени на две фази и ќе ги вршат две различни компании.

На терен се работи на потегот од мостот „Влајко“ до кружниот тек кај Порта Влае и работите се одвиваат со забрзано темпо и очекуваме оваа делница, доколку се поволни временските услови, да биде готова за околу 2 недели. Во наредниот период треба да започне и делницата од мостот „Влајко“ до мостот „Обединети нации“, каде рокот за завршување на градежните работи е два месеци од почетокот на градежните активности, се вели во нивниот одговор за „Нетпрес“.

Тие објаснуваат дека во моментов паралелно со овој булевар, се работи и на втората фаза од проектот за изградба на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Бутел, како и реконструкцијата на улиците „Ацо Шопов“,„Брадфордска“, „Лондонска“ во Карпош, улицата „Антон Попов“ во Кисела Вода, како и изградба на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“.