Владата на Ципрас под истрага за злоупотреба на пари од ЕУ

Врховниот суд на Грција издаде наредба да започне истрага за управувањето со европските пари исплатени на Атина како помош во справувањето со мигрантската криза во 2015 и 2016 година.

Обвинителите ќе покренат прелиминарна истрага по серија статии објавени во печатот, кој ја поддржува десничарската опозиција, а во која властите се критикувани за евентуална злоупотреба на парите. Околу  милион мигранти и бегалци, од кои многумина избегаа од конфликтот во Сирија, во 2015 и 2016 година дојдоа на грчките острови  во источниот дел на Егејското Море, во близина на брегот на Турција .

Шефот на операцијата за прием на бегалци, Андреас Илиопулос е еден од изворите на обвиненијата, што тој ги изнесе во интервју, минатата недела за весникот „Филелефтерос“. Грчкиот министер за миграциона политика, Димитрис Викас ги отфрли обвиненијата и го повика Илиопулос да поднесе оставка по неговите изјави, објави АФП.

Викас рече дека Грција добила 570 милиони евра итна помош, од кои 68 отсто биле предадени на хуманитарни групи и меѓународни организации, како што е агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР). Останатите пари биле проследени на грчката влада, односно Министерството за одбрана, чија одговорност беше да изгради околу 40 кампови за мигранти.