Руска ракета се расипа по полетувањето, космонаутите се спасени

Американскиот астронаут Ник Хејг и рускиот космонаут Алексеј Овчињин денес успешно слетаа во Казахстан откако нивната ракета Сојуз имаше дефект набрзо по лансирањето.

Руската вселенска ракета Сојуз откажа по полетувањето од космодромот Бајконур и двајцата астронаути со капсула со падобран се спуштија некаде во регионот на Казахстан, јавија руските медиуми.

Сојуз требаше да ги превезе американскиот астронаут и рускиот космонаут до Меѓународната вселенска станица, но според првичните информации имало дефект на моторите на ракетата.

Според руската државна агенција ТАСС екипажот на Сојуз е безбеден, со нив е воспоставен контакт и спасувачките екипи се во потрага по местото на приземјувањето на капсулата.

Според НАСА капсулата се вратила на Земјата со „балистичка траекторија“, осносно со слободен пад.