Српската актерка и легенда на југословенското актерство, Милена Дравиќ денеска е погребана во Алејата на заслужни граѓани на Новите гробишта во Белград, покрај својот сопруг Драган Николиќ.
На погребот присуствуваа голем број на граѓани и речиси сите актери од постарата и поновата генерација. Таа беше испратена со говорот прочитан од колегата Воја Брајовиќ.
Претходно во Театар „Ѕвездара“ се одржа комеморација на која од името на колегите од Милена Дравиќ се прости Аница Добра. Последниот аплауз на легендарната дива на југослевенската кинематографија и беше упатен со песна од Арсен Дедиќ.
Милена Дравиќ почина пред четири дена на возраст од 79 години по долга и тешка болест со која се бореше од смртта на сопругот Драган Николиќ.