Роналдо првиот фудбалер со 400 голови во петте водечки европски првенства

Португалскиот напаѓач на Јувентус, Кристијано Роналдо, стана првиот фудбалер во историјата кој постигнал 400 голови во петте најсилни европски шампионати откако во саботата го отвори резултатот во домашниот дуел во Серија А со Џенова, која сепак во Торино освои бод.

Во главната петторка на квалитативно најсилни национални првенства на европскиот контитент се вбројуваат Англија, Шпанија, Италија, Франција и Германија. Триесет и тригодишниот Роналдо во неговата кариера настапуваше за англиски Манчестер Јунајтед каде постигна 84 голови во 196 натпревари, во шпански Реал Мадрид за кој постигна 311 погодоци во 292 натпревари. Во летниот преоден рок Португалецот мина во редовите на италијански Јувентус и против Џенова го постигна петтиот гол во Серија А.

Второто место според постигнатите голови во петте најсилни лиги во Европа го чува Аргентинецот Лионел Меси, кој настапуваше досега само во шпанска Барселона каде што судејќи според сé и ќе ја заврши кариерата. Зад името на 31-годишниот Меси се запишани 389 погодоци на 426 првенствени натпревари во шпанската Ла Лига.

Роналдо е четирикратен победник во Лигата на шампионите, репрезентативен европски првак во 2016 година, четирикратен добитник на Златната топка, повеќекратен освојувач на шампионите на Англија и Шпанија, како и на тамошните националните купови и Суперкуповите во овие земји, победник на Клупскиот светски шампионат, и победник на Супер купот на УЕФА.