Пленковиќ: Хрватска ги штити границите од незаконски влегувања

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ  изјави во средата  по повод ситуацијата на границата со Босна и Херцеговина, каде околу двесте имигранти се обидуваат за влезат во Хрватска, дека државата ќе ја штити границата од незаконски влегувања и имиграција.

„Станува збор за граничниот премин Маљевац каде се засилени пограничната полиција и испратени се единици на специјалната полиција“, порача Пленковиќ.

Истакна дека Хрватска како и досега, ќе ја штити својата граница од „незаконски влегувања и имиграција почитувајќи ги сите елементи на гранично право, хуманитарно право и меѓународното право“.

Министетрот за внатрешни работи Давор Божиновиќ изјави дека немало влегувања на хрватската полиција на територија на БиХ, „ниту за тоа има потреба“.

Граничниот премин Маљевац е затворен за сообраќај поради големи групи странски мигранти, околу 250,  кои се на мост во непосредна близина на граничниот премин меѓу БиХ и Хрватска. На граничниот премин се и 50 припадници на хрватската специјална полиција и областа ја надлетува полициски хеликоптер.