Законот за амнестија на ВМРО ДПМНЕ деновиве ќе биде пуштен во собраниска процедура. Од партијата велат дека, амнестија ќе се бара исклучиво за учесниците во настаните од 27-ми април. Засега не сакаат да откријат повеќе детали, велејќи дека интензивно се работи на законското решение.
Од опозициската партија уште еднаш повторија дека нема да учествуваат во работата на најавената собраниска комисија за помирување, затоа што сметаат дека таа ќе обезбеди селективна правда само за пратениците што дадоа поддршка за уставните измени. И за претседателот на Собранието, формирањето на ваквата комисија е неизвесно, не само поради одбивањето на опозицијата да учествува во неа, туку и затоа што ниту иницијаторите, осумтемина пратеници кои гласаа „за„, не доставиле идеја во каков формат би работеле и на што ќе се однесува помирувањето. Очекува токму тие да го повлечат првиот потег. За законот на ВМРО ДПМНЕ, вели дека имаат право да поднесат каков сакаат закон, но треба да дадат аргументи за неговата оправданост. На крај, сепак, мнозинството ќе го има крајниот збор.
Дел од судиите не се за амнестија, но се согласни дека тоа е политичка одлука.
Покрај неизвесноста, дали ќе има амнестија, помирување или можеби нешто трето, се` уште е непознато и како отсега ќе делуваат осумтемина пратеници кои гласаа за уставните измени. Досега не го известиле Собранието дали ќе формираат посебна пратеничка група или ќе бидат независни пратеници. Тие веднаш беа исклучени од ВМРО ДПМНЕ, по што следеа и серија исклучувања од партиските органи. Вчера општинскиот комитет на Карпош, експресно го исклучи од партијата поранешниот висок функционер, Никола Тодоров. Екс министерот за здравство бил сослушан од дисциплинската комисија, но откако го кажал својот став, сепак е едногласно исклучен. Претходно и општинскиот комитет на скопски Центар, го исклучи Сашо Мијалков, а беа исклучени и Костадин Богданов и Митко Јанчев.