Од број еден во Европа, Технолошко индустриските развојни зони на Македонија оваа година воопшто ги нема на листата на FDI, магазин што го објавува британскиот весник Financial Times, бидејќи власта решила да не аплицира бидејќи немале да прикажат никакви показатели.
Влијателниот финансиски магазин којшто по повеќе критериуми ги оценува условите за водење на бизнис на странските инвеститори во слободните зони, оваа година Македонија воопшто не ја стави во конкуренција. Од Дирекцијата на зоните вината за ваквите поразителни податоци ја префрлаат на политичката криза, наводно таа била причината зошто минатата година решиле воопшто да не аплицираат бидејќи немале што да прикажат.
Ние минатата 2017 година во октомври одлучивме да не поднесуваме апликација. Подобро воопшто да нè нема на ова рангирање, отколку да бидеме последни во Европа, вели Александар Младеновски, директор на ТИРЗ, пренесува телевизијата Алсат.
Од Слободните зони сепак, поднеле апликација за следното рангирање затоа што годинава во зоните имало 16 инвестиции. Од бизнис заедницата велат дека слабите институции се еден од најголемите проблеми со кои се соочува бизнисот.
Очигледно постои некој недостаток на информација, односно комуникација помеѓу државата и релевантните институции на светско ниво како што беше порано со индексот на Светскиот економски форум кој за среќа ние го добивме и го имплементираме. вели за телевизијата Дриљон Исени, извршен директор на СКСЗМ
Во 2014 година, Македонија, односно Слободната зона кај Бунарџик, беше прогласена за економска зона број еден во Европа. Наградата ја доби во конкуренција од 45 вакви зони во светот. Оваа година на прво место во светот е зоната во Обединети Арапски Емирати, додека на прво место во Европа е зоната Пирот во Србија.