
Млад човек, вработен во јавното претпријатие „Јасен“, управувајќи со службено возило, откако му откажале сопирачките, загинал на лице место.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место на тешката сообраќајна несреќа во резерватот „Јасен“.
Според првичните информации, несреќата се случила кога на службено возило – комбе, во кое се превезувале петмина вработени во јавното претпријатие „Јасен“, му откажале сопирачките и се превртело.
Притоа, еден од патниците починал, возачот е потешко повреден, додека останатите патници се здобиле со полесни повреди.
По извршениот увид, дежурниот јавен обвинител нареди обдукција на телото на починатиот работник, како и вештачење на возилото во кое се превезувале работниците. Меѓудругото, ќе се проверува и сервисната историја и претходното одржување на возилото.
Како што објави во саботата порталот Економски лидер, со ова јавното претпријатие за стопанисување и заштита на повеќенаменското подрачје управува Новица Зечевиќ, брат на Миле Зечевиќ, шеф на Републичкиот изборен штаб на СДСМ.
Според извори на „Економски лидер“ човекот кој е вработен во „Јасен“ утрото во саботата со комбе превезувал вработени во резерватот. Комбето, кое не било регистрирано, а во кое имало најмалку шест лица, во еден момент завршило во карпест дел, откако му откажале сопирачките.
Останува нејасно зошто било дозволено да се управува со возило со неисправни сопирачки и дали директорот на „Јасен“ Новица Зечевиќ ќе понесе одговорност, прашува Економски лидер.
Инаку ЈП „Јасен“ е место каде што се наоѓаат бункерите во кои се сместува државното раководство во случај на војна и претставува важна безбедносна институција во државата.