Ултрадесничарот Болсонаро избран за претседател на Бразил

Кандидатот на крајната десница, поранешниот армиски офицер Жаир Болсонаро, е победник во вториот круг од претседателските избори во Бразил по пребројувањето на 94,44 отсто од избирачкиот материјал, пренесе ноќта кон понеделникот телевизијата Globo.

Болсонаро освоил 55,44 отсто од гласовите. Неговиот противкандидат од левата Работничка партија, Фернандо Адад, освоил 44,46 отсто од гласовите, по извонредно острата и тензична кампања. Но поранешната претседателка на Костарика и шефица на Организацијата за следње на изборите во латиноамериканските земји, Лаура Чинчила, изјави дека гласањето било мирно и уредно во целата земја.

Новиот претседател ја презема функцијата на 1-ви јануари 2019 година, а мандатот на бразилскиот претседател трае четири години.

Поранешниот офицер во копнените војски на бразилската армија на 30-ти септември замина во својот дом во Рио де Жанеиро, откако беше прободен со нож на предизборен собир на југот од земјата на почетокот од септември. 63-годишниот Жаир Болсонаро, познат како „бразилскиот Доналд Трамп“, ги искористи негативните чувства и кај Бразилците кон владејачките елити, на сличен начин како што американскиот републиканец победи во САД, и како што крајната десница влезе во владејачките структури во некои од земјите членки на Европската унија.

Медиумите го споредуваат со Трамп и по некои наводни негови контроверзни изјави за жените. Болсонаро себеси се претставува како борец против криминалот и вети дека доколку победи на соодветните министерски места ќе постави личности од војската.

Болсонаро, кој е поранешен пратеник во Конгресот, вети борба против корупцијата и во бразилските градови и во руралните области, и јакнење на автономијата на полициајта во борбата со вооружените криминални банди. Најави и ублажување на законот за контрола на оружјето, за Бразилците да можат полесно да се заштитуваат од криминалците. Но многумина стравуваат, дека Болсонаро, кој позитивно гледа на бразилската воена диктатура од 1964 до 1985 година, како претседател би можел да ги огрничи човековите права, граѓанските слободи и слободата на говорот.

На чело на анкетите дојде откако судот ја забрани кандидатурата на поранешниот левичарски претседател Луис Инасио Лула да Силва, кој важеше за апсолутен фаворит. Лула се искачи на општественото скалило од чистач на чевли и уличен продавач до најпопуларниот политичар во историјата на Бразил, беше претседател од 2003 до 2010 година а во април беше осуден на 12 години и еден месец затвор за корупција и перење пари.

За брзиот раст на популарноста на Болсонаро помогна и падот на популарноста на Рабитничката партија која владеше со Бразил 13 од последните 15 години и која беше соборена пред две години во времето на силната рецесија и еден од најголемите корупциски скандали во светот. Истратага наречена „Кар вош“ започната во 2014 година, доведе до судски прогон на голем број истакнати деловни луѓе и политичари, вклучително и поранешните левичарски претседатело да Силва и неговата наследничка Дилан Русефф.