Прва победа за „Оклахома“, нов рекорд за Кари

Капитенот на „Голден Стејт“, Стеф Кари постигна уште еден рекорд во НБА лигата откако стана единствениот кошаркар кој на седум последователни натпревари постигнал пет или повеќе тројки. Кари во победата на шампионот над „Бруклин Нетс“ 114:120, постигна 35 поени, од кои седум тројки од 11 шута.
Иако гостите во најголем дел од натпреварот водеа, „Бруклин“ во финишот сериозно се закани на шампионот, кој, сепак успеа да слави. Домаќините се доближија на два коша разлика, но Кари и Дурант, кои беа без погодок подолг период погодија во последната минута, Дурант за два поени, а по промашената тројка на „Бруклин“, Кари возврати со три поени. Најефикасниот играч на мечот постигна и седум скока и три асистенции, а Дурант додаде 34 поени, осум скока и шест асистенции. Во екипата на „Нетс“, Дианџело Расе постигна 25 коша со по шест скока и асистенции, а Керис Лаверт 24 поена.

Најголемото разочарување на почетокот на лигата, „Оклахома Сити“ ја постигна првата победа сезонава против „Феникс Санс“ 117:110. Расел Вестбрук постигна 23 поени со девет скока и седум асистенции, а Пол Џорџ додаде 23 коша со пет асистенции и четири скока. За „Санс“ ова беше петти по ред пораз во шест меча, а најефикасен кај гостите беше Диандре Ејтон со 16 коша и 11 скока.

Во останатите натпревари „Јута Џез“ беа подобри од „Далас Маверикс“ со 113:104, „ЛА Клиперс“ беше убелив против „Вашингтон Визардс“ со 136:104.