
Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија – САДУ чие членство се состои од вработените во јавниот сектор, вработени во државните и локалните органи и други установи како нивен легален и легитимен претставник јавно му се обраќаат на министерот Дамјан Манчевски за неспроведување реформи.
Ние имаме морална одговорност јавно да се обратиме до министерот за информатичко општество и администарија г-дин Дамјан Манчевски и да укажеме за неспроведувањето на ветените реформи во јавната администрација, дополнителното разјадување и разрушување на истата и спречување на нејзиното ефективно и ефикасно функционирање и да ја информираме јавноста за се поголемото продлабочување на проблемот со партизација на јавниот сектор, велат тие
Според нив препораките од извештајот на Прибе, документ на Европската комисија што укажува на итни реформски препораки кои Република Македонија треба да ги спроведува кон патот во Европската унија остануваат и понатаму занемарувани.
Имено извештајот на Прибе јасно ја критикува тесната врска помеѓу државата и партијата и укажува на итно разбивање на партиската инсталација и создавање механизми за запирање на злоупотребата на јавната администрација, се вели во реакцијата.
Тие како синдикат чие членство се вработените во јавниот сектор, тврдат дека се сведоци на бројни прекршувања на законски одредби и злоупотреба на работничките и човековите права. Тие бараат сигурна работа, пристојна плата и работна атмосфера ослободена од притисоци.
Во услови на очај и лоша економска состојба нашите членови се подготвени да подлегнуваат на најразлични притисоци. Токму лошата економска состојба во која се наоѓа нашата држава е најплодна почва за политичките притисоци со кои секојдневно се соочуваат нашите членови. Веќе подолг временски период укажуваме на малите плати на државните и јавните службеници и на фактот дека со законското зголемување на минималната плата доаѓа до порамнување на платите на техничкиот и помошниот персонал со најниските позиции на државните службеници. Затоа бараме зголемување на платите во насока на задржување на линеарниот распон помеѓу позициите на државните службеници од причина што јавниот сектор се доведе до рамниште на социјална категорија со социјални примања, пишува во обраќањето до министерот.
Според нив постојано се проблематични дополнителните исплати кои не се предвидени согласно Закон за извршување на буџет, а произлегуваат од обрвски предвидени со закон или колективен договор (13та плата, прекувремена работа, кариерно унапредување итн). Исто така тврдат дека и понатаму продолжуваат политичките притисоци, работа под силен притисок, уценувања, заплашувања и заканувања, преместување на работниците на незаконска основа, преместување на вработените на пониски работни места иако имаат договори на неопределено време, прераспределување на вработените подалеку од место на живеење без надомест и слично. Сето ова се случува на вработени кои се идентификувани како политички неистомисленици.
Унапредувањето и вработувањето на јавни огласи се спроведуваат врз основа на партиска определба и заслуга наместо компетентност и професионалност што понатаму води кон уште понестабилна и разјадена администрација. Бараме, конечно ветените реформи во администрацијата да почнат да се спроведуваат со целoсно воспоставување на функционален и одржлив мерит-систем на заслуги и на квалификации при селекцијата, вработувањето и при развојот на кариерата на службениците со цел воспоставување професионална, демократска, транспарентна и добро организирана администрација која ќе биде во служба на граѓаните, велат од САДУ.
САДУ тврда дека иако на средба со министерот се сложиле дека законот за административни службенции е несоодветен и треба да претрпи измени и ги изложилее нивните барања за кои се сложилее дека се реални, сепак со новите измени на Законот само се создадоа услови за вработување на нови партиски кадри.
Несоодветното раководење со јавниот сектор се огледува и во двете последователни контрадикторни изјави на министерот каде најпрво изјавува дека вработените ќе се трансферираат во приватен сектор заради превработеност, а подоцна изјавува дека се бараат нови вработени заради недостаток на стручен кадар. Ве уверуваме дека никогаш нема да се согласиме со трансформација од јавен во приватен сектор и Ви посочуваме дека средствата кои ќе се потрошат за субвенционирање на приватни фирми за преземање кадри да се искористат за обуки и преквалификација на постоечкиот кадар во јавниот сектор. На крај уште еднаш мораме да потенцираме дека ние сме при крај на нашето трпение и повеќе нема да дозволиме да си поигрувате со нашите судбини. Ве повикуваме на разум и конструктивен и фер социјален дијалог и партнерство, затоа што на крајот од денот Вие ќе бидете виновни за преземање на порадикални чекори од наша страна, повикуваат од САДУ.