Мицкоски: Вистинскиот противник за нас е аболицираниот Заев

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во неговото гостување во емисијата „Патот кон“ на Алсат М телевизија на прашањето за исклучените од партијата како внатрешни политички опоненти, одговори дека за ВМРО-ДПМНЕ единствен легитимен противник е СДСМ и аболицираниот Зоран Заев.

Во врска со исклучувањето на членовите и пратениците тој истакна дека сите докази кои што ВМРО-ДПМНЕ ги поседува за нивното делување се презентирани пред членовите Централниот комитет и истото е веќе завршена работа како и внатрешна работа на партијата.

Сето она што е како доказ кој ВМРО-ДПМНЕ го поседува и сето она коешто го имаме како информација за делувањето на определени партиски членови, поранешни, но и сегашни за делувањето на овие осум пратеници кои што тој петок дадоа поддршка за отпочнување на процесот на уставни измени беше презентирано пред членовите на Централниот Комитет. Тоа е внатрешна работа на ВМРО-ДПМНЕ, тоа за нас е затворен случај и за нас легитимен противник е оваа ненародна и криминална власт на СДСМ, предводена од единствениот аболициран политичар Зоран Заев, нагласи Мицкоски.

На прашањето за односите со поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милеска, која беше една од осумте пратеници кои гласаа во полза на предлогот на парламентарното мнозинство, Мицкоски рече дека тие секогаш биле во рамките на чесен пристап, размена на неколку мислења, различни теми/

„Се разбира моето почитување секогаш било големо за она што таа го има направено и за ВМРО-ДПМНЕ, но и она што ВМРО-ДПМНЕ го направила за неа, мораме и тоа исто така да го кажеме, а тоа било потенцирано и од нејзина страна. Сме имале комуникација на ниво на пораки СМС и слично, каде што често пати знаела да ми даде комплименти за моите јавни настапи и за политиките кои што сум ги водел во минатото, така што ништо подлабоко, но ништо значајно во рамките на една пристојна комуникација која што сме ја имале како двајца сопартијци во минатото“, потенцира Мицкоски.