Во гробница откриено вино старо две илјади години

Кинеските археолози неодмана во гробница во покраината Хенан откриле бронзен сад стар две илјади години со течност за којашто сметаат дека може да е вино, објави агенцијата Нова Кина.

Добро запечатениот сад содржи околу три и пол литри течност со жолтеникава боја, соопштиле арххеолозите откако го отвориле. Според мирисот претпоставуваат дека станува збор за вино. Течноста ќе биде упатена на лабораториска анализа за да се утврди дали содржи алкохол, рекол директорот на Институтот за археологија во грдот Луојанг, Ши Џиежен.

Доколку се потврди претпоставката според којашто станува збор за вино, Ши вели дека тоа би можело да потекнува од периодот на династијата Хан, којашто владеела со Кина од 206 година пред Христа до 220 година од нашата ера. Во истата гробница е пронајдена и светилка во форма на дива гуска.

Во информацијата не е наведено на кој начин садот бил затворен, за да може течноста толку добро да се зачува и алкохолот да не изветреал. Агенцијата притоа потсетува и дека алкохолни пијалаци од истиот период и претходно биле откривани. Се додава дека станувало збор за алкохоли на база на ориз и кинеска шечерна трска, коишто најчесто биле чувани во садови од бронза. Тие биле користени во текот на разниет ритуали и свечености.

Во 2010 година кинеските археолози во текот на ископувања за градежни работи во близина на аеродромот Ксиан откопаа гробница со сад стар 2.400 години, а во него беше најдена супа.