Обвинетите за убиството на Саздовски не се чувствуваат виновни

 Обвинетите Бесим Беља и Скендер Демири денеска во Кривичниот суд се изјаснија дека не се чувствуваа виновни за убиство на свиреп начин на Никола Саздовски.

Обвинителот во воведниот збор истакна дека ќе докаже оти Беља, Демири и третообвинетиот Јетон Љужа, кој е во бегство, на 29 јуни 2018 година околу 17.45 часот на булеварот Александар Македонски во Скопје, на автобуската постојка пред фабриката Алкалоид, му пристапиле на Саздовски, го легитимирале и во нападнале со боксови во главата и градите, а тие продолжиле со клоци да го удираат и откако паднал.

 Во воведниот говор адвокатот Насер Руфи рече дека обвинетиот Беља немал никаква намера, ниту умисла да го лиши од живот Саздовски и додаде дека ќе докажат дека единствена причина за смртта која настапила е поради металната кутија на ЕВН која се наоѓа на автобуската постојка.

Бранителот на Скендер Демири, Асмир Исмаиловиќ рече дека ќе докажат дека ваквото обвинение не може да опстане, бидејќи ако обвинетите му побарале лична карта и почнале да го тепаат…зошто Обвинителството не навело кој и какви дејствија презел. Според него, не е споменато дали делото е извршено со умисла или кој е мотивот. Адвокатите посочија дека  ќе докажат дека правната квалификација на делото е погрешна.

Инаку, доказната постапка почна со сведочење на Тони Саздовски, татко на убиениот. По него почна да сведочи неговата девојка, малолетничката Е.Б., која по прашање на судијката истакна дека добивала закани преку телефон. Нејзиното сведочење беше прекинато за да реши судечкиот совет дали таа ќе сведочи јавно, со оглед дека е малолетна.