Жерновски вети, а Рангелова исполни за бесплатен паркинг на новинарите во Центар

На иницијатива на советничката од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар, Даниела Рангелова,  Јавното претпријатие „Паркинзи – Центар“, ќе  воведе бесплатна мобилна карта за паркирање намената за новинарите.

Зелено светло за иницијативата даде Советот на локалната власт, по неуспешниот обид претпријатието да воведе годишен билет за паркирање за новиарите кој требаше да чини 350 денари.

Иако, бесплатна паркинг карта за новинарите беше едно од предизборните ветувања на градоначалникот Андреј Жерновски, кој, се чини дека по седнувањето во шефовската фотелја на општината, лесно заборави на тоа што го ветуваше во кампањата. За иронијата да биде поголема, бесплатната карта сега ја иницираа неговите политички опоненти,  како потсетник дека политичките ветувања не се само декларативни определби, туку треба и реално да се остварат.

Според најновата одлука, сите новинари кои се членови на некој од новинарските здруженија или синдикат, можат да поднесат барање до дирекцијата на „Паркинзи“ центар за добивање на оваа повластена карта за паркирање.