Македонија брза со барањето за екстрадиција на поранешниот премеир Никола Груевски. Во судот во тек е превод на обемниот материјал на унгарски јазик – задолжени се десетина преведувачи, а паралелно во Министерството за правда се подготвува и образложението што со судските списи ќе биде пратено во Будимпешта.
Очекувањата се дека во наредните денови барањето на Скопје за испорачување на бегалецот ќе стигне во Унгарија, чии институции имаат рокови во кои треба да одговорат. Шефот на македонската дипломатија телефонски разговарал со унгарскиот колега од кого побарал да се почитува принципот на владеење на правото.
„Факт е дека постапката не е брза, според сите процедури, се надевам дека претставниците на власта во Унгарија нема да ги користат максималните рокови се дадени во меѓународното право за екстрадиција, се надевам дека ќе постапуваат во согласност со меѓународните конвенции и за азил и за екстрадиција“, рече министерката за правда, Рената Дескоска
Од кабинетот на унгарскиот премиер денеска појаснуваат дека барањето за политички азил Груевски не го поднел во унгарската амбасада во Скопје, туку во друга држава.
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров телефонски разговарал со унгарскиот колега Петер Сијарто од кого побарал да се почитува принципот на владеење на правото.
„Во случајот станува збор за осуденик, против кого се водат и уште неколку други судски постапки за сериозни кривични дела… Ја потенцирам важноста на принципот на владеење на правото, кој претставува темелен европски принцип. Парадоксална е ситуацијата да се бара политички азил во земја членка на ЕУ, од страна на личност во чие време на владеење, земјата кандидат за членство во ЕУ беше окарактеризирана како „заробена држава“ и од страна на самата Европска комисија“, му рекол Димитров на Сијарто. И правните експерти очекуваа Унгарија како дел од Унијата да ги почитува принципите на ЕУ: