Атанасов ветува 60 милиони денари во Буџетот за 2019 за студентските домови

Во завршна фаза е целосна реконструкција на блоковите В и Г од најголемиот студентски дом „Гоце Делчев“ во Скопје, за што се вложени речиси 2,3 милиони евра, тврдеше во неделата заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов, истоврмено кога студенти објавија видео-снимки како во студентските домови протекува.

Атанасов го посети споменатиот студентски дом и притоа изјави дека се работи за крупен зафат кој опфаќа замена на врати, прозорци, подови, електрична и водоводна инсталација, лифтови, парно греење. Во наредната година со 85 илјади евра ќе биде набавен и нов мебел.

Со реконструкцијата на В и Г овој дом, кој има капацитет да смести над илјада студенти, ќе биде целосно обновен, откако лани беа завршени и блоковите А и Б каде што со околу три милиони евра беа поставени нови лифтови, пералници и набавен нов мебел.

„Во Буџетот за 2019 година веќе се издвоени 30 милиони денари за реконструкција и обновување на неколку студентски домови, но се издвоени и 30 милиони денари со што ќе продолжат активностите за подготовка на проектна документација за изградба на нова зграда во склоп на студентскиот дом „Стив Наумов“. Овие 30 милиони денари ќе бидат употребени за проектната документација за новата студентска зграда со 600 до 700 легла“, изјави Атанасов, честитајќи го Меѓународниот ден на стдентите – 17 Ноември