
Потписниците на повелбата за солидарност на синдикатите и сите здруженија за заштита на работничките права, повикаа на солидарен протест по повод Меѓународниот ден на трудот на работниците, со пораката:„Нашата стратегија не е поврзана со одреден фолклор и прослава со музика!“
„Нема само да ги констатираме состојбите, туку ќе излеземе со конкретни барања до сите надлежни институции и релевантни фактори за да направиме притисок и конечно да ги артикулираме клучните проблеми со кои се соочуваат работниците“, истакна Тамара Чаусидис од Самостојнот синдикат на новинарите и медиумските работници.
Според Сојузот на синдикати на Македонија, да се биде вработен не е привилегија, туку е право.
Протестот во Скопје ќе се одржи во паркот „Жена борец“ во 12 часот, а протестот во Куманово ќе почне во 11 часот на градскиот плоштад.
Изедначување на минималната плата во сите сектори, право на штрајк и синдикално организирање се само дел од барањата и пораките кои утре ќе бидат испратени на првомајкиот протест од Скопје и Куманово. Барањата, ќе и бидат доставени на следната влада веднаш по нејзиното формирање.