
Централната разузнавачка агенција (ЦИА) поседува снимен телефонски разговор од саудискиот принц Мохамед бин Салман, во кој се слуша како тој дава инструкции „што е можно побрзо замолчете го Џамал Кашоги“, објави денеска колумнистот на Хуриет Абдулкадир Селви.
Според Селви, директорката на ЦИА, Џина Хаспел, за време на нејзиното патување во Анкара минатиот месец „сигнализирала“ дека постои прислушуван телефонски повик меѓу престолонаследникот Мохамед и неговиот брат Калед бин Салман, кој е амбасадор на Саудиска Арабија во САД.
Цитирајќи неидентификувани извори, турскиот колумнист напиша дека на снимката на ЦИА се слуша како двајцата саудиски функционери дискутираат за „непријатноста“ што ја создале јавните критики на Кашоги кон раководството на кралството.
Кашоги, чест соработник на Вашингтон пост и истакнат критичар на принцот Мохамед, беше убиен на 2 октомври во саудискиот конзулат во Истанбул.
По неколкунеделно негирање вмешаност во злосторството, Ријад конечно призна дека Кашоги бил убиен во конзулатот, но тврдеше дека саудиското кралско семејство претходно не знаело за никаков заговор за убиство.
Се вели дека престолонаследникот дал инструкција Џамал Кашоги што е можно поскоро да се замолчи и оваа заповед била снимена за време на прислушувањето на ЦИА. Убиството што следуваше е крајната потврда на оваа инструкција“, додаде Селви, нагласувајќи дека меѓународната истрага за убиството, ако биде отворена, „може да открие уште повеќе вџашувачки докази, бидејќи ЦИА има повеќе прислушувани телефонски повици во ракав отколку што знае јавноста.
Цитирајќи ги најновите сознанија во турската истрага за убиството, Селви во својата колумна на 19 ноември напиша дека Кашоги бил принудуван од неговите идни убијци да му испрати порака на својот син, кого престолонаследникот Мохамед сѐ уште го држел во кралството.
Тимот убијци, составен од блиски помошници на принцот Мохамед, му рекле на Кашоги да испрати порака до својот син, во спротивно ‘ќе биде донесен во Саудиска Арабија’“. Кашоги одбил, што довело до расправијата што заврши со негово убивање со давење со јаже или со пластична кеса, рече Селви.
Јавниот обвинител на Саудиска Арабија на 15 ноември побара смртна казна за пет саудиски функционери, а обвини вкупно 11 осомничени.
Претседателот Доналд Трамп на 20 ноември објави дека нема да ја казнува Саудиска Арабија за убиството, давајќи на знаење во соопштението полно со извичници дека користа од добрите односи со царството е поважна од можноста неговиот престолонаследник да го наредил убиство.
Телото на Кашоги допрва треба да му се врати на неговото семејство поради информациите дека тоа било уништено со хемиски раствор.
Во меѓувреме, вели Хуриет, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека нема да се сретне со саудискиот престолонаследник Мохамед за време на посетата на Аргентина за самитот на Г20.