
Институтот за политички истражувања Скопје – „ИПИС“ заедно со интернет порталот „Религија.мк“, а со поддршка на Фондацијата „Конрад Аденауер“ го реализираа четвртото истражување од проектот „Македонија како мултиконфесионално општество“ кои ја анализираат перцепцијата на граѓаните за прашања поврзани со влијанието на религијата во македонското општество.
Во ова истражување се детектираа ставовите на граѓаните во однос на религијата и образованието, односно поддршката за вклучување на религиозните учења или религијата како историска и актуелна тема во образовниот процес и перцепцијата за нивното влијание врз развојот на младите.
Истражувањето е поделено во три сегменти, преку кои се добива појасна слика за генералните перцепции поврзани со религијата и образованието што претставува и примарна цел на истражувањето.
Со оглед на спецификите на истражувањето, примерокот е стратификуван согласно регионите и населените места во Македонија. Големината на примерокот се избира согласно потребите на истражувањето, а во овој случај беа вклучени 1137 испитаници постари од 18 години, со задржување на генералниот сооднос во поглед на базичните демографски карактеристики како пол, возраст и професија и образование. Стратификцијата е соодветна со најновите податоци од државниот завод за статистика. Истражувањето е спроведено кон средината на октомври 2018 година
Генерални Заклучоци
» Македонија е генерално религиозна држава и тоа важи како за христијаните, така и за верниците кои се припадници на исламската религија.
» Во однос на претходното истражување 2016, може да се забележи дека има зголемување на процентот на оние граѓани кои изјавиле дека религијата има големо влијание во нивните животи, пред се кај припадниците на православната христијанска религија.
» Муслиманите се повеќе запознаени и ја практикуваат својата религија од православните христијани, иако споредено со истражувањето од 2016 година се забележува одредено зголемување кај православните христијани кои ја читаат библијата и редовно одат во црква.
» Иако над 50% од вкупниот број на испитаниците се изјасниле афирмативно во однос на желбата да се дознае нешто и за религијата на другиот, овој процент кај муслиманите е двојно понизок во однос на православните христијани.
» Муслиманите сакаат и посветуваат повеќе време на религиско образование отколку христијаните.
» Се забележува дека муслиманите се позаинтересирани за изучување на религијата, повеќе читаат литература со религиозни содржини.
» Поголем дел од граѓаните се заинтересирани за теми кои се однесуваат на религијата.
» 60% од испитаниците изјавиле дека религијата ги интересира исклучиво од верски аспект, потоа 7% од политички, 21% од филозофски аспект и 5% ги интересира мистичниот аспект на религијата. Интересно во ова прашање е што за политичкиот аспект на религијата се определиле само 2% од христијаните, додека оваа бројка кај муслиманите е доста повисока, односно кај 24% од нив религијата ги интересира исклучиво од политички аспект.
» Може да се заклучи дека традиционалните медиуми и интернетот играат се поголема улога во религиозната едукација на верниците со оглед дека скоро половина од испитаниците или 48%, се информираат или од традиционални медиуми или преку интернет.
» Повеќето граѓани поддржуваат изучување на религиите како дел од образовниот систем.
» Сепак, испитаниците можеби поддржуваат изучување на религиите, но потребно е да се остави можноста учениците сами да одлучат дали ќе ја посетуваат или не, наставата по предметите во кои се изучува религијата.
» 37% од граѓаните сметаат дека би требало да се изучува класична веронаука, а 50% некој друг тип на предмети со фокус на религијата (17% историја на религии, 19% етика на религии и 14% запознавање на религии).
» Помал број, односно 27% од испитаниците сметаат дека религијата треба да се изучува во верски објект (црква, џамија, синагога), а повеќето, односно 60% дека децата треба да учат за религија на училиште.
» Повеќето испитаници сметаат дека изучувањето на религијата би бил фактор на интеграција кај децата.
» 44% од испитаниците одговориле дека главната цел треба да биде изучување на сопствената религија, 22% сметаат дека треба да се учи за различностите и почитта кон поинаквите од себеси и 18% дека предметот треба да ги потенцира моралните аспекти на личноста.
» најголем дел од граѓаните или 80% сметаат дека изучувањето на религијата може или донекаде може (57% и 23% следствено) да помогне во воспитувањето на децата.
» Високи 74% од граѓаните сметаат дека религиското образование би го проширило светогледот и знаењето, додека само 11% мислат дека тоа претставува одредена индоктринација каj децата.
Вториот и третиот дел од истражувањето беа меѓу зависни и основната претпоставка пред да започне истражувањето, а која се докажа по неговото спроведување беше дека ако родителите се запознаени или се едуцираат на религиозни теми, поверојатно е дека ќе сакаат и нивните деца да имаат одредено религиозно образование.