
Иако важеше за огромен фаворит, екипата на Наполи во неделата ги разочара своите навивачи со ремито против последнопласираниот тим во Серија А, Киево играјќи без голови и заостанувајќи сега зад водечкиот Јувентус големи осум бодови.
Сепак, за тренерот Карло Анчелоти и во овој разочарувачки резултат може да се најдат полезни работи.
„Овој натпревар може да ни послужи како добар тест пред средбата од Лигата на шампионите со Црвена ѕвезда. Мислам дека и белграѓани ќе играат слично како Киево. Можевме да видиме што не очекува и со што би можеле да се соочиме на средбата во среда. Против Киево не игравме со доволно висок интензитет и тука беше нашиот проблем“, изјави Анчелоти.
Побара од неговите играчи да го сменат пристапот на ваквите натпревари кога противникот цела игра ја базира на одбрана.
Во првиот меч од групата Ц меѓу Црвена ѕвезда и Наполи, одигран во Белград, српскиот шампион се спротистави со затворена варијанта и успеа во првиот меч да одигра 0:0 против фаворизираниот противник.