Ќахил ќе тужи: Не можат да ме исклучат од партијата што ја формирав

Министерот без ресор Аднан Ќахил вели дека од соопштението во медиумите дознал дека е исклучен од партијата што ја формираше пред дваесет години – Партија за демократско движење на Турците во Македонија (ТХП).

Ќахил најавува судска разрешница на случајот, посочувајќи дека неговиот наследник на претседателската фунција во ТХП Енес Ибрхими не ги почитува процедурите и статутарните одредби на партијата.

Не може да ме исклучат од партијата што јас ја формирав и за чиј почесен претседател бев избран на последниот конгрес. Конгресот ме избра за почесен претседател, а сега не знам кое тело на партијата ме исклучува, ни изјави Ќахил.

Тој вели дека не бил информиран дека се води постапка за негово исклучување, како и дека тој и голем дел членови на партиското раководство не биле поканети на состанокот, иако правилата го налагаат тоа. Сите политики, потенцира, се водат во тесен круг од пет-шест луѓе, од кои дел се поставени за директори.

Јас ја формирав партијата пред дваесет години и досега немало раскол во неа. Јас ја договорив коалицијата со СДСМ пред изборите и го номинирав Ибрахими за пратеник, потоа се повлеков од претседателската функција во ТХП и го предложив за претседател. Но тој, со тесниот круг луѓе околу него, успеа за неколку месеци да направи раскол. Мене ме обвинува дека не сум ги почитувал програмските определби на партијата, а тој не работи согласно програмата и статутот, вели Ќахил.

Како што вели Ќахил, Ибрахими го преселил седиштето на партијата на друга адреса, иако ТХП е сѐ уште регистрирана на адресата на која функционирала во изминатите 20 години. Вели дека тој не знае каде е сега партиското седиште.

Од ТХП соопштија претходно дека го исклучиле Ќахил од партијата и побараа од премиерот Зоран Заев негово разрешување од функцијата министер без ресор задолжен за странски инвестиции. Според известувањето од ТХП, Ќахил ги отфрлал програмските одредби и статутот на ТХП и го нарушувал угледот на партијата. Од ТХП велат дека се санкционирани и други членови кои биле инволвирани во слични противстатутарни акти, ама не наведуваат кој орган ги донел одлуките.

Пратеникот Ибрахим пред една година дојде на чело на ТХП, кога Ќахил се повлече од функцијата.