
Откако поминаа прашањата на одбраната, на обвинителството и на обвинетите, и судијката Добрила Кацарска му поставуваше прашања на обвинетиот Горан Ѓошевски-Леви на денешното рочиште за случајот „27 април”.
Исказот на Леви за минатогодишните случувања во Собранието на денешното рочиште траеше повеќе од 2 часа, а обвинетиот главно зборуваше за тоа какви биле неговите ингеренции како началник на личното обезбедување на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски и дека главна цел му била да го заштити тогашниот собраниски претседател.
Судијката Кацарска го праша Ѓошевски што тогаш барал во собраниската прес-сала во моментот кога се тепале пратениците, а таму не бил Вељаноски.
Обвинетиот Ѓошевски во својот одговор остана на тврдењето дека не бил во салата, туку бил пред вратата на режијата за, како што рече, да им помогне на колегите.
Следното прашање од судијката беше со содржина: „Зошто како службено лице водевте група на луѓе онаму каде Кољо со нога отвара врата?” Обвинетиот Ѓошевски на ова возврати дека кога тргнала толпата, со нив тргнал и Кољо, а во моментот кога тој им кажал дека вратата не се отвара со квака, Митревски ја скршил вратата. „Очигледно господине Ѓошевски сме гледале различни снимки за ист настан”, му рече Кацарска на обвинетиот Ѓошевски.
Судијката побара од обвинетиот да појасни од каде толку добро го познава обвинетиот Митревски, за да, како што му посочи, во негово присуство, како висок полициски службеник скршил врата. Обвинетиот Ѓошевски дополни дека Кољо го познавал од полициската станица во која претходно работел, наведувајќи дека не му го покажувал патот низ Собранието.
Кацарска на ова возврати: „Ама тоа според вашата снимка”. Ѓошевски рече дека униформираната полиција од ЕБР седела на скалите во Собранието и не им помагала, така што тие како обезбедување не можеле да направат ништо за да спречат толкава група на луѓе.
Меѓу прашањата што Кацарска му ги постави на обвинетиот шеф на личното обезбедување беше и тоа во кое својство тој ѝ дозволил на негова колешка да ја отклучи мониторинг салата на лица кои се претставиле дека се од УБК и како тој не се посомневал во веродостојноста на нивното претставување.
Обвинетиот Ѓошевски се оправда дека во Собранието доаѓале често службени лица.