Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска на денешната собраниска седница изјави дека Владата на СДСМ се обидува да ги избрише одлуките на АСНОМ со кои е конституирана модерната македонска држава и истите ќе станат необврзувачки во нашата држава и на тој начин ние се откажуваме од сите жртви кои македонскиот народ ги дал во текот на НОБ.
Стојаноска потенцираше дека со тоа СДСМ се откажува од континуитетот на борбата на македонскиот народ од периодот на османлиското владеење НОБ од 1941 до 1945 како и референдумот за формирање на посебна и независна Република Македонија.
Таа посочи дека прогласот на кој се повикува владата е само известување и образложение за случувањата на првото заседание на АСНОМ.
Владата на Република Македонија се повикува на прогласот на првото заседание на АСНОМ, а не на неговите конститутивни одлуки. Прогласот нема конститутивни одлуки, односно тој е проглас во кој се информира народот во Македонија за работата на првото заседание на АСНОМ. Со прогласот само се известува македонскиот народ, дека е одржано првото заседание на АСНОМ и дека се удрени темелите на македонската федерална држава, истакна Стојаноска.