Претседателот на најголемата грчка опозициска партија, Кирјакос Мицотакис, уште еднаш повтори дека Нова демократија нема да гласа за ратификација на Договорот од Преспа и повика истото да го сторат и другите партии и пратеници, јави дописничката на МИА од Атина.
-Само еден начин постои за да го ограничиме опсегот на националната штета: Договорот од Преспа да не се ратификува во грчкиот Парламент. Повторувам на најкатегоричен начин: Нова демократија ќе гласа против договорот и ги повикуваме сите партии и сите пратеници да го сторат истото. Впрочем, ова е барањето на големото мнозинство грчки граѓани, вели Мицотакис.
-Изјавите на Заев за изучување на македонски јазик во Грција се неприфатливи. Но, беа очекувани од самата содржина на договорот. На најјасен начин го потврдуваат она што Нова демократија го кажа од прв момент, дека признавањето на наводен македонски јазик и националност, ја отвора Пандорината кутија за оживување на сите историски неточни иредентистички барања на Скопје, вели Мицотакис.
На истата тема, Нова демократија и преку соопштение објавено вчера упати обинувања и критики до владата на Ципрас за Договорот од Преспа.
-Нова демократија навремено предупреди дека штетниот Договор од Преспа го охрабрува, наместо да го елиминира иредентизмот на Скопје и за жал на најлош начин се потврдува дека е во право. Изјавите на Заев за можноста за изучување на наводниот македонски јазик во нашата земја ги провоцираат сите Грци. И затоа исто толку провоцирачка е и безгласноста на премиерот и министерот за надворешни работи, господинот Ципрас, соопштуваат од Нова демократија.