Блесна новогодишната елка во центарот на Скопје

Со осветлување на елката на плоштадот „Македонија“, вечерва се одбележа отворањето на првата новогодишна населба во Скопје, Винтерленд.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов го означи почетокот на новогодишното празнување и посочи дека пред нас се денови што носат радост кај луѓето, што зрачат топлина во семејството, радост за децата, што носат желби за подобра иднина, здравје и благосостојба на граѓаните.

Годинава првпат го отвараме Винтерленд, нешто што досега сме го немале во нашиот град. Од 15 декември официјално во Винтерлендот секоја вечер од 18 до 23 часот ќе има програма за секоја возраст, за сите деца, за сите граѓани, посочи Шилегов.

Тој информираше дека во наредните денови ќе биде поставено и лизгалиштето, ќе се постави снежно игло за децата, топ што ќе произведува вештачки снег и најразлични содржини за сите возрасти.

Во населбата со име „Винтерленд“ (Зимска земја) е поставена и мала сцена на која секојдневно ќе се организираат настани кои ќе го привлечат интересот на сите граѓани, без разлика на возраста.

 

ФОТО: Нова Македонија