Албанските власти не доволија влез на стотина Грци

На преминот Какавија, на албанско-грчката граница кај Ѓирокастро, албанските власти не им дозволија влез на околу 100 грчки државјани, меѓу кои и тројца новинари, кои сакаа да присуствуваат на 40-дневниот помен на Костандинос Кацифас, бидејќи многу од нив, вклучително и новинарите биле на „црната листа“ на Тирана.

Полицијата потврди дека меѓу нив има и лица кои Албанија ги прогласи за непожелни личности ден по погребот на Коцифас, поради нивната „неприфатлива, навредлива и опасна“ активност на денот на погребот.

За „персона нон грата“ беа прогласени 52 лица на кои им се забранува влез во земјата во период од пет години. Еден од нив е и Панајотис Савидис, новинар на весникот Protothema, кому влез не му беше дозволен синоќа.

Албанската полиција, покрај зајакнатите безбедносни мерки во Буларат, родното село на Кацифас, како и на националниот пат Ѓирокастро-Какавија, на сите гранични премини има доставено список на лицата на кои им е забранет влез во земјата.

Триесет и петгодишниот Кацифас, албански Грк кој поседувал и грчко државјанство, беше убиен во Буларат, во престрелка со полицијата на 28-ми октовмри.

Инаку, на денешниот помен  за Кацифас во Буларат, освен жители на селото и околните населени места, каде главно живеат припадници на грчкото малцинство, се очекуваше да присуствуваат и неколку стотици грчки државјани.