
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола изврши увид на лице место каде што изминатата ноќ се случи сообраќајна несреќа во која животот го загубија две лица, при што е констатирано дека причина за трагедијата е непочитување на сообраќајните прописи при претекнување.
По дадени наредби од страна на надлежниот јавен обвинител обезбедени се и прибрани траги од лице место. Дадена е и наредба за вршење на сообраќајно-техничко вештачење, како и за вршење на обдукција на починатите лица.
Како што соопштија од Јавното обвинителство на РМ, првичните сознанија посочуваат дека до несреќата дошло откако автомобилот „ауди А6“ во кое како возач и совозач се наоѓале сега починатите, се обидело да претекне друг автомобил „голф“, со регистарски ознаки од Ресен.
„Движејќи се кон Битола, при обидот за претекнување, а поради неприлагодена брзина на движење на возилото, патничкото возило ’ауди’ удрило во товарно моторно возило – цистерна ’мерцедес’ кое се движело во сообраќајната лента од спротивната насока. Од силината на ударот, на лице место животот го загубиле возачот и совозачот на моторното возило ’ауди’, родени 1984 година и 1991 година, двајцата жители на село Канатларци, прилепско, соопшти ЈОРМ.
Сообраќајна несреќа со фатални последици се случила синоќа околу 20 часот кога било пријавено дека на регионалниот пат Прилеп – Битола кај селото Вашарејца, се случила сообраќајна незгода меѓу товарно возило „мерцедес“, со битолски регистерски таблици, управувано од 38-годишен жител на Неготино, со патничко возило „ауди А6“ со прилепски регистерски таблици, управувано од 34-годишно лице од прилепското село Канатларци, како и автомобил „голф“ со ресенски регистерски таблици, управувано од 37-годишник од Ресен.
Во сообраќајната незгода на само место починале возачот на „ауди-то“ и сопатникот од истото возило 27-годишник, исто така, од село Канатларци, прилепско. Со телесни повреди се здобил другиот 30-годишен сопатник од возилото „ауди А6“, од село Канатларци, и возачот на камионот.