Каталонскиот регионален премиер Ким Тора започна 48-часовен штрајк со глад, во знак на солидарност со приведените политичари од областа.
Штрајкот е во знак на солидарност со каталонските политичари кои се веќе во затвор, а против кои е покренато дело за сепаратизам. Претходно, четворица негови сопартијци најавија штрајк со глад во затвор, во знак на протест против одлуките на судот, кои се однесуваат на поддржувачите на каталонската независност. Станува збор за поранешните пратеници од регионалниот каталонски парламент Жорди Санчез и Жорди Турул, како и поранешните регионални министри Жозеп Рул и Жоаким Форн.
На 1 октомври 2017 година, во Каталонија се одржа референдум за независност од Шпанија, кој властите од Мадрид го прогласија за ништовен и противзаконит. Подоцна истиот месец, регионалниот парламент во Каталонија прогласи независност. Како резултат на тоа, дел од сепаратистичките лидери беа уапсени, а поранешниот каталонски премиер Карлс Пуџдемон избега од Шпанија. Притворениците се обвинети за поттикнување на бунт. Судењето против нив се очекува да започне на почетокот од следната година.