Салвини: Макрон е „лабораториски производ“

Италијанскиот министер за внатрешни работи и лидер на десничарската Лига, Матео Салвини денеска изјави дека кризата со „жолтите елеци“ покажува дека Французите сфатиле оти нивниот претседател е „лабораториски производ“, осмислен за да го одржува системот таков каков што е.

„Сега ми се чини очигледно дека Макрон е лабораториски производ осмислен да ја блокира и најмалата промена која би се појавила на видик“, рече Салвини пред странски новинари во Рим.

Салвини рече дека пред само неколку месеци Макрон бил „првак на новата Европа за целата италијанска левица“. „Беше новиот гениј на Европа, новиот спасител на Европа… Сепак, се излажаа,’рече Салвини.

Додаде дека одлично ги сфаќа економските, социјалните и културните мотиви кои се во основата на движењето за кое, како што рече, се надева дека ќе постигне и конкретни цели, но во исто време истакна дека го осудува секој облик на насилство.

„Кога врз безбедносните сили се фрлаат Молотови коктели, јас сум на страната на безбедносните сили“, истакна Салвини.