КФОР: Се е под контрола, вршиме вообичаена вежба

Портпаролот на КФОР Винченцо Грасо изјави дека единиците на КФОР, на територијата на цело Косово, изведуваат вообичаена, регуларна воена вежба.

– Ситуацијата е под контрола, како и во изминатите недели, а сега станува збор само за регуларна вежба на цело Косово, со цел исполнување на мандатот на КФОР, а тоа е обезбедување на мирот, рече Грасо по повод тврдењата на српските медиуми дека во северниот дел на земјата е забележана колона возила на КФОР. Тој прецизираше дека воената вежба почнала вчера и оти се одвива во неколку правци – во зоната запад и исток.

– На пример, вчера единиците на КФОР се движеа од Урошевац кон Призрен и речиси никој не забележа. Немаме ниту една посебна „цел“, и по завршувањето на воената вежба, денеска единиците ќе се вратат во своите кампови, рече Грасо, негирајќи ги тврдењата на Танјуг дека КФОР носи опрема за „блокада на границата“.