
Носителот на „Златната топка” за 2018 година, Лука Модриќ го покажа трофејот на „Сантијаго Бернабеу” пред последниот натпревар на тимот на домашен терен за оваа година.
Модриќ беше награден од „Франс Фудбал” на почетокот на декември за севкупниот придонес за успесите на својот клуб (Реал Мадри), како и националниот тим (Хрватска) за време на Мундијалот во Русија.
33-годишниот играч му помогна на Реал да го освои третиот по ред Куп на Европа кон крајот на мај и беше главен дел од тимот на Хрватите на патот кон финалето на Светското. На листата на „Франс Фудбал” Модриќ ги прејде Кристијано Роналдо и Антоан Гризман.
Последниве неколку години навивачите во Мадрид беа навикнати да ја гледаат „Златната топка” во рацете на Кристијано Роналдо, кој ја освои 4 пати во дресот на кралскиот клуб (вкупно 5 во својата кариера).