
Високите државни службеници на Европската унија сега ќе заработуваат над 20.000 евра (18.000 фунти) месечно, односно околу 400 евра повеќе од досегашната заработувачка.
Како што открива германскиот весник „Билд“, платите и пензиите на ЕУ службениците се зголемиле ретроактивно од 1 јули 2018 година и токму за време за Божик.
Според новото покачување, Жан-Клод Јункер, претседателот на Европската комисија, сега ќе заработува околу 32.700 евра месечно, односно 550 евра повеќе од неговата месечна заработувачка досега. Од ЕК објасниле дека зголемувањето од 1,5 отсто е поради зголемување на трошоците за живот, што е еквивалентно на 6.600 евра годишно.
Користејќи ги трошоците за живеење во Белгија и Луксембург, како и платите на бирократите во другите земји на ЕУ, агенцијата за статистика на ЕУ ги пресметува годишните зголемувања на платите за комесарите на ЕУ.
Официјалните претставници на ЕУ плаќаат помалку данок на заработка од повисоките стапки на данок на доход во Белгија и Луксембург.
„Со оглед на годишната стапка на инфлација од 2,1 отсто во Брисел и Луксембург, каде што работат над 80 отсто од функционерите на ЕУ, номиналниот пораст од 1,5 отсто, всушност, ќе доведе до ефективно намалување на платите во однос на куповната моќ за 0,6 отсто“, посочил портпаролот на Европската комисија.