Германија воведе построги прописи за странско преземање на домашните компании и медиумите

Германската влада ги направи построги прописите за странските преземања на домашните компании, а проширениот список компании чиешто купување во иднина ќе биде подложно на анализа поради заштита на интересите ги опфаќа и медиумските куќи.

Владата во Берлин, така, во иднина ќе ги анализира и понудите на компаниите надвор од Европа за купување на 10 отсто од сопственичкиот удел во германските компании важни за јавниот интерес. Досега прагот на сопственичкиот удел за странските компании изнесуваше 25 отсто. Новиот праг е во согласност со предлозите на Организацијата за економска соработка и развој (OECD), не бара одобрување од германскиот парламент и стапува на сила во јануари следната 2019 година.

Целта на овие мерки е заштита на клучната инфраструктура за дистрибуција на електричната енергија и снабдувањето со вода и храна, како и во телекомуникацискиот, финансискиот и во секторот транспорт. Со новите прописи, германската влада на листата компании важни за јавниот интерес ги вброи и медиумските куќи.

„Тоа би требало да спречи германските медиуми, во случај да бидат преземени од странски вложувачи, да се користат за ширење дезинфорамции“, се наведува во соопштението објавено на интернет страница на владата на Германија.

Построгите прописи се реакција на Берлин на зголемената загриженост поради пристапот до клучните технологии коишто наводно во прв ред кинеските компании под влијание на владата во Пекинг го стекнуваат со преземањето сопственички удели во компаниите во Германија и во другите европски земја. Министерот за економија Петер Алтмаер во неколку наврати веќе истакнуваше дека Германија сака да остане пазарна економија, отворена за странски вложувања, порачувајќи и’ истовремено на Кина дека мора да осигури рамноправност во економските односи. Обврската на владата е да ја заштити клучната инфраструктура, како што електродистрибуциските и телекомуникациските мрежи, предупредуваше Алтмаер.

Германија го воведе прописот кој овозможуваше проверка на странското купување од 25 отсто удел во домашните компании во 2004 година, а минатата 2017 година ги прошири овластувањата за вето за странските преземања.