Идниот месец до косовската Влада ќе се поднесе нацрт-закон за преговорите со Србија

Косовскиот државен тим за преговори со Србија, кој беше формиран со резолуција на Собранието пред три дена, денеска ја одржа својата прва седница, на која е одлучено со тимот да претседаваат наизменично двајцата копретседатели – лидерот на Социјaлдемократската партија на Косово (ПСД) Шпенд Ахмети и вицепремиерот и лидер на Социјалдемократската иницијатива (Нисма) Фатмир Лимај, јави дописникот на МИА од Приштина.

Лидерот на ПСД и градоначалник на Приштина, Ахмети, по седницата објави дека на состанокот е одлучено до 15 јануари до Владата на Косово да се проследи нацрт-закон за дијалогот меѓу Косово и Србија.

– Се согласивме еднаш јас, а еднаш Лимај, да претседаваме на средбите. Се согласивме до 15 јануари да го проследиме нацрт-законот до Владата на Косово. Во рок од 30 дена делегацијата треба да ја претстави платформата за дијалогот со Србија, на која ќе работат пет членови на тимот. Оваа платформа, како што ви е познато, ги определува принципите, вклучувајќи го признавањето на Косово од страна на Србија, изјави Ахмети.

Тој информира дека на денешниот состанок е разговарано и за почетниот буџет за преговарачкиот тим, како и за динамиката на неговите состаноци.

– Се согласивме да реализираме средба со претседателот на Собранието и со премиерот за да ја преземеме одговорноста и документацијата. Наша главна работа во моментов е процесуирањето на нацрт-законот, изјави Ахмети.

Тој избегна да одговори на новинарско прашање за тоа како планира истовремено да владее со Приштина и да претседава со тимот за преговори со Србија.