
Како што беше најавено за време на викендот, денеска пратеникот Сашо Василевски и поранешниот вработен во УБК, Александар Василевски – Нинџа, ќе поднесат барања за амнестија согласно рокот од пет дена за таква можност како обвинети за настаните на 27 април во Собранието на Македонија.
Василевски како пратеник ги отвори портите на законодавниот дом, додека Нинџа, според неговите сведоштва, ја координирал акцијата помеѓу УБК и толпата.
Во петокот барање за амнестија до судот и обвинителството побараа Крсто Мукоски, Горан Ангелов-Ќосето и Иван Цветановски, а рокот истекува за два дена.
Еден од предлагачите на овој закон, Павле Богоевски, за викендот рече дека не очекува да бидат амнестирани повеќе од дузина обвинети, а во јавноста имаше и мислење дека водачите на протестот „За заедничка Македонија“ Владо Јовановски, Игор Дурловски, Богдан Илиевски – Бетмен и Игор Дурловски нема да добијат амнестија дури и ако ја побараат.
Се очекува до Нова Година да биде познато кој се ќе добие амнестија.