Индонезиските власти во четвртокот го подигнаа степенот на приправност стравувајќи од нова ерупција на вулканот Анак Кракатау и наредија авионите да ја избегнуваат областа, неколку дена откако ерупцијата предизвика цунами во коешто загинаа најмалку 430 луѓе.
Уривањето на вулканскиот кратер во саботата вечерта предизвика бранови коишто според последните податоци достигнувале до пет метри во височина, кои се струполија врз бреговите на Зундскиот канал, меѓу островите Јава и Суматра.
Властите предупредија дека кратерот на вулканот Анак Кракатау и натаму е нестабилен, што го зголемува ризикот од ново уривање и цунами. Се стравува и од можна поголема ерупција, па населението е предупредено да се евакуира подалеку од брегот и на повисоките области.
Повремените татнежи и треперења на вулканот траат од јули, а вулканот е пособено активен од неделата, исфрла лава и карпи, а над него се издигнува густ чад до 3.000 метри во височина. Поради тоа националната геолошка агенција го зголеми степенот ризик на второто највисоко ниво, и воспостави безбедносна зона од пет километри околу островите.
„Од 23-ти декември активностите не престанаа… Очекуваме натамошно јакнење“, рече Антониус Ратдомопурбо, секретар на геолошката служба. „Сега сме на висок степен на подготвеност, сите летови се пренасочени поради пепелта што ја исфрла вулканот Кракатау“, објави државната агенција за воздухопловство.
Вулканот, лоциран на околу 50 километри од плажите во покраините Бантен, веќе подолго време претставува закана за населението на копното. Ерупцијата на Кракатау во 1883 година, една од најразорните и најсмртоносни во поновата историја, покрена големо цунами во коешто животите ги загубија околу 36.000 луѓе, а заглушувачките експлозии можеле да се слушнат дури до Австралија.
Анак Кракатау, или Дететото на Кракатау, почнал да се формира во 1927 година на остатоците од калдерата на Кракатау. Во моментов се издигнува 338 метри над нивото на морето, објави националната геолошка агенција. Еруптираше во 2016 и 2017 година и засилено е активен од јануари оваа 2018 година. Поради повеќето мали ерупции, во јули и во август, годинава, проширена е забранетата зона околу островот во Зондонскиот канал.
Двата најголеми светски архипелага, Индонезија и Филипини, се дел од ткн. Пацифички огнен прстен, плоча која е формирана на дното од Индискиот и западниот дел од Тихиот Океан, која на ова место навлегува под Азиската плоча. Како резултат на движењето на овие две плочи на териториите на овие две земји се чести земјотресите и вулканските ерупции. Со тоа овој регион е еден од сеизмички најактивните зони на планетата.
Во овој дел од светот се наоѓаат најактивните тектонски плочи, од кое едната се движи со брзина од седум сантиметри годишно. Годишно сеизмолозите регистрираат меѓу шест и седум илјади потреси со магнитуда над 4,0. Во декември 2004 година, катастрофален земјотрес со јачина од 9,2 степени крај Суматра предизвика цунами во кое загинаа над 230.000 луѓе во десетина земји.
On this day 14 years ago, the 2004 Indian Ocean earthquake and tsunami killed 225,000 people. We must apply the lessons of this tragedy in how we spread awareness, improve infrastructure, plan our cities and set up early warning systems. #SendaiFramework #ResilienceForAll pic.twitter.com/mKp2ijbR2L
— UNISDR Asia Pacific (@UNISDR_AsiaPac) December 26, 2018