Истакнат кинески разузнавач осуден на доживотен затвор поради корупција

Кинески суд во четвртокот на доживотен затвор го осуди поранешниот високо позициониран функционер на разузнавањето поради примање мито, рекетирање и трговија на основа на доверливи и повластени информации, објави кинеското правосудство.

Ма Џиан, поранешен заменик министер за државна безбедност, со оваа пресуда стана еден од највисоко позиционираните осудени функционери, откако во 2015 година доживотна кана поради корупција доби Жу Јонгканг, порано еден од најмоќните кинески политичари.

Случајот на Ма е поврзан со еден од најбараните кинески беглаци, милијардерот во егзил Ги Венгуи, кој по бегството живее во Њујорк и честопати остро ја критикува владејачката Комунистичка партија.

Судот во Далиан соопшти на својата интернет страница дека пресудл врз основа на „особено големите“ суми кој Ма Џиан ги примал како мито и неговата „сериозна“ соработка со компанијата на Венгуи. Осудениот ја користел својата позиција за заговор со тајкунот, помагајќи им на неговите компании, така што со закани изнудувал илегални трансакции и преноси на акции од државните компании, се истакнува во соопштението. Со тоа Ма се стекнал со повеќе од 100 милиони јуани, или 14,56 милиони долари, а со тргувањето со акции врз основа на повластениет информации заработил уште речиси 5 милиони јуани.

Министерството за безбедност во коешто е концентрирана голема моќ, земјите од Западот го обвинуваат дека ги шпионира граѓаните и странците во Кина и во светот. Станува збор за една од најтаинствените агенции во Кина, и нема ниту интернет страница, ниту портпарол.

Десетици истакнати функционери се притворени и обвинети откако во 2012 година на чело на владејачката партија и државата дојде Кси Џинпинг кој вети дека ќе се бори против корупција и предупреди дека овој проблем претставува закана за власта на Комунистичката партија.